Раул: Секогаш ќе ги паметам зборовите на Столе кога ја освоивме титулата!

Раул Гонзалес си заминува од Вардар и тоа ќе биде загуба на еден голем ракометен ум не само за македонскиот ракомет, туку во поширокиот регион. Затоа СЕХА-лигата подготви специјално интервју со Шпанецот, како испраќање за неговиот нов ангажман, во ПСЖ.

Си оди како херој, како човек кој стана шампион на Европа и израдува една ракометна нација. Жал му е што не успеаја да ја одбранат титулата, но признава дека Вардар оваа сезона не беше доволно добар. Сепак, успеа да стигне до Келн и да ја брани, што му беше должност, како шампион. Верува дека Вардар и понатаму ќе има шанси да игра на Ф4.

„Многу сум горд, бидејќи заедно се искачивме на врвот. На почетокот, Вардар важеше за нов клуб, кој покажа големи амбиции и до крајот на мојот престој го постигнавме најголемиот успех во Лигата на шампионите. Мислам дека по првите две години бевме многу добри. Игравме против сите и сите сакаат да играат на Ф4, но мора да разбереме дека во машкиот ракомет има 12-13 тима, кои можат да стигнат до Келн. Нашиот тим секогаш бил на врвот и секогаш бил важен, бидејќи во првите сезони можеби не игравме во Келн, но имавме голема шанса во првата сезона. Имавме шанса и против Веспрем и Кјелце, само тие беа малку подобри од нас. Мислам дека сега Вардар е многу добар тим и секогаш ќе има шанса да игра на Ф4. Горд сум на мојот тим, на мојот претседател, спонзорот Сергеј Самсоненко. Без неговите инвестиции денес Вардар не би бил истиот тим. Тој е голем човек и има голема заслуга“, вели Раул.

Овде стана вистинска ѕвезда и миленик на цела Македонија. Вели дека тоа го изненадувало од почеток, бидејќи во Шпанија воопшто не е така, со оглед дека ракометот не е толку популарен.

„Кога дојдов овде имав поддршка од сите, од публиката, од клубот, од навивачите, од играчите. Ми беше чудно, бидејќи во Шпанија не е така. За разлика од Македонија, во Шпанија ракометот не е толку важен. Овде е прв спорт и тоа е голема разлика. Во Шпанија, 2-3 новинари ќе се појават на тренинг или на прес-конференција, а овде секој сака ракомет, сите живеат за тоа. Убаво е кога ќе видите полна сала, постојано навивање. Тоа е убавината на спортот. Во Шпаниа можам да одам каде што сакам и никој нема да знае дека сум ракометен тренер, а овде е различно, секој сака да се фотографира, да зборува со вас“, раскажува Раул.

Го прашаа што ќе му остане во спомените, покрај, се разбира, освоената шампионска титула во јуни 2017. 

„Секако, ќе се сеќавам на освојувањето на Лигата на шампионите и на изјавата на Столе ‘леле луѓе успеавме’. Никој не знае колку напорно работевме во последниов период, бидејќи кога игравме четврт-финале против Кјелце и Веспрем, бевме блиску до Ф4-турнирот и не успеавме. Последните две сезони бевме одлични во секој поглед. Исто така ќе ги паметам и трите титули во СЕХА-лигата. Тоа се големи остварувања. Ќе се сеќавам на сите наши сали и ‘Јане Сандански’ и ‘Кале’ и ‘Борис Трајковски’. Секогаш е емотивно кога ќе влезете во ‘Јане’ и кога ќе видите полна сала. За мене животот е ракомет“, одговори Раул.

Сигурно дека омилени натпревари му се оние од Келн, кога во последните секунди ги добија прво Барселона, потоа ПСЖ, но имало еден меч кој не може да го тргне од сеќавањата.

„Вардар – Фленсбург во 2014 година. Откако загубивме со два разлика во првиот круг, во Скопје имавме негатива од пет на полувреме, но потоа дојдовме до плус четири на една минута до крајот и сепак ги загубивме шансите за Ф4. Беше емотивно за сите, мислам дека тој натпревар секогаш ќе остане во мојата меморија. Работевме одлично во тие месеци, никој не очекуваше да победиме против актуелниот европски првак Хамбург во осминафиналето“, сподели шпанскиот тренер.

Прашањето е што понатаму и како ќе биде кога ќе си замине. Негов заменик ќе биде Роберто Гарсија Парондо, доверлив соработник и пријател кој си ја знае работата и најважно, Раул верува во него.

„Кога ќе си одам, Парондо знае се. Секако дека ќе има проблеми, можеби тие ќе бидат и подобри, бидејќи тој беше со мене многу години. Јас сакав да дојде со мене во македонската репрезентација бидејќи е паметен, има работено и со Пастор, а игравме заедно и во Ваљадолид“, уверува Раул.

Македонската јавност ќе има можност да го гледа се уште, во настапите на репрезентацијата, бидејќи нема намера да си замине од неа, барем засега. Вели дека работат чекор по чекор и не гледаат на далеку.

„Мислам дека со репрезентацијата мора да одиме чекор по чекор, Олимписките игри се далеку. Кога тренирате со клуб, можете да добиете претстава какви ќе бидете за три недели. Но кога тренирате со репрезентација имате една недела да се подготвите и не мора да мислите повеќе. Затоа мора да имате план, да го одберете најдобриот и да работите на него“, дополни Раул.

Комплетното интевју можете да го прочитате на официјалната страница на СЕХА.