Раул: Сега сите ни ја научија одбраната, ќе мора нешто да менувам!

Вардар го најави последниот натпревар од лигашкиот дел на СЕХА, дома против Нексе утре во 17.45. Иако не постои резултатски притисок, Раул и ракометарите самите си влеваат мотивација за победа, за да ја завршат сезоната без пораз.

Почнувајќи од септември, Вардар покажа дека е за класа подобар од противниците во СЕХА-лигата. Долго играше со максимален победнички ефект, потоа следуваше реми кај Мешков Брест, но за пораз не станува збор. Црвено-црните сакаат да го задржат тоа и на утрешниот натпревар против Нексе, во „Јане Сандански“.

„Имаме мотивација да завршиме без пораз, а јас сум многу задоволен како досега одигравме во СЕХА. Минатата недела многу патувавме и сега ни останува овој последен натпревар. Денеска ќе се спремаме, утре сакам да одиграме добро, а потоа ќе имаме време да одмориме. Јас имам доверба дека играчите ќе играат како што знаат, со една силна одбрана. Знаеме дека сме фаворити, но мора да одиграме најдобро што знаеме“, вели Раул.

На слична бранова должина е и Мартин Поповски, репрезентативното крило, кое добива се повеќе шанса и докажува дека припаѓа во овој шампионски тим на Вардар. Од неговите зборови се чита колку им е потребен одмор на вардарци, пред да дојдат главните предизвици оваа сезона.

„Се враќаме од две тешки патувања во Србија, малку сме изморени, но ова е последен натпревар. Овој натпревар можеби е без резултатско значење за нас, но оваа сезона сме без пораз и имаме голема мотивација да ја завршиме сезоната така, што ќе биде голем успех во оваа СЕХА-лига. После ова ќе имаме мал одмор, па потоа ќе се насочиме кон финалниот турнир, кој ќе се игра овде во Скопје. Секако дека примарна цел ќе ни биде одбрана на титулата, ќе сакаме да се покажеме добро пред нашата публика и да ја задржиме титулата овде во Скпоје“, вели Поповски.

Сигурно дека Нексе не претставува закана за Вардар, особено што нема шанси да напредува на табелата, па ќе дојде без некоја конкретна цел. Опасноста за вардарци доаѓа од нивната опуштеност, која придонесе на натпреварите во 2018 да играат една некарактеристична одбрана, многу попропуслива, со два пораза и три меча со 30 или повеќе примени голови. 

„Мислам дека сите веќе се навикнаа да ја нападнат нашата одбрана, гледајќи ги натпреварите. Минатата сезона сите се чудеа на оваа одбрана и не знаеја како да не нападнат, но сега сите видоа како да играат и тоа е потешко за нас. До декември бевме супер, но од јануари наваму не сме добри и јас сум свесен дека мора нешто да променам за понатаму“, признава Раул.

Завршниата во СЕХА е закажана за периодот од 13 до 15 март, а во последните две недели од април Вардар ќе игра четврт-финале во ЛШ, против победникот од Кил - Пик Сегед.