Потврдено: Вардар - Нексе во Скопје на 29 август, без публика!

Раководството на РК Вардар потврди дека стартот на новата натпреварувачка сезона и официјално ќе го има на 29 август. За тогаш е закажан натпреварот против Нексе, реванш од четвртфиналето во СЕХА-лигата.

СЕХА-лигата и Вардар, како домаќин на мечот, дефинирале дека е возможно да се организира на 29 авгус, во 20 часот и 15 минути. Се разбира, во сила ќе стапат протоколи за сите присутни во салата, а публика нема да има.

Вардар го одигра првиот четвртфинален дуел со Нексе уште во февруари и славеше минимални 31-30 во Нашице, така што потребна му е само каква било победа во „Јане Сандански“ за да го загарантира пласманот на Ф4-турнирот во Задар. 

Таму, во полуфиналето би играл со ППД Загреб, кој веќе го обезбеди своето место меѓу најдобрите четири екипи, како и Мешков Брест. Потребно е и Веспрем формално да го одигра реваншот со Војводина (31-26 прв меч), за да се комплетира квартетот кој ќе се бори за титулата.