Почина легендата на хрватскиот ракомет Златко Сарачевиќ

Легендарниот хрватски ракометар и актуелен тренер на Подравка, Златко Сарачевиќ денеска почина на 59-годишна возраст. 

На Сарачевиќ денеска му се слошило по завршувањето на дуелот помеѓу Подравка и Локомотива и веднаш бил пренесен во болница во Копривница. „Вечерњи“ објави дека за жал легендарниот ракометар починал, најверојатно од срцев удар. 

Неговиот тим победи со 32-29, а Сарачевиќ дури дал изјава и за медиумите во врска со дербито. Кратко потоа пристигнала брза помош пред салата откако му се слошило. За жал докторите не успеале да му помогнат и да го спасат иако дури 40 минути се обидувале да го реанимираат. 

Сарачевиќ изминативе три сезони беше на клупата на Подравка, а претходно го водеше Загреб. Како играч имаше фантастична кариера, па со хрватската репрезентација стигна до златен медал на Олимписките игри во Атлатан во 1996 година. Имаше и сребро на СП 1995 и бронза на ЕП 1994 година. Во клупската кариера играше за Борац, Медвечак, потоа во Франција за тимовите на Ним, Бордо, Кретил и Истрес, потоа за Загреб и Фотекс Веспрем.