Перуничиќ се правда: Одлуката за смена на Јовановиќ е од пред два месеци

Српската спортска јавност денеска остана во неверување, откако помошникот селектор на машката ракометна репрезентација Недељко Јовановиќ се пожали дека добил отказ по смс-порака, што му ја пратил селекторот Ненад Перуничиќ. 

Ова предизвика голема бура реакции, кон Перуничиќ, кој со репрезентацијата се подготвува за настап на Европското првенство во Австрија, Шведска и Норвешка. Селекторот вели дека одлуката за смена на Јовановиќ била донесена пред два месеци.

„Ова ми дојде како 'гром од ведро небо'“, изјави Перуничиќ за интернет страницата на Српската ракометна федерација. „Изненаден сум малку, бидејќи оваа одлука беше донесена пред два месеци. Пред 20 дена го објавивме списокот на кој јасно се гледаше кој е таму. Секоја почит кон новинарите и медиумите, немам што да додадам, освен дека тоа е моја одлука. Потребно е во одреден момент да изреагираш на одреден начин и не би навлегувал понатаму во тезите. Сметам дека оваа одлука е добра за сите. На Јовановиќ му благодарам на соработката и секако му посакувам сè најдобро во животот. Не сакам да употребам ниту еден лош збор. Моите причини за почеток на соработката беа најискрени. Тука сум чист. Мојата одлука е таква и стојам зад неа. Знам дека сносам голема одговорност, бидејќи работам одговорна работа. Разбирам дека новинарите бараат вести, но да зборуваме за хаос? Хаос навистина нема никаде, ниту го имало и жал ми е што вака испаднаа работите. Во репрезентацијата сите се радуваме на натпреварите што не очекуваат. Момците како и секогаш се расположени“, истакна српскиот селектор.