Еурофарм Пелистер загуби со 32-28 на гостувањето кај Татран Прешов во рамки на СЕХА-лигата. Битолчани одиграа уште еден слаб натпревар и ја продолжија низата порази на четири натпревари по ред, несметајќи ги натпреварите од четврфиналниот турнир во Купот на Македонија. 

Откако Вардар го преслуша Пелистер во домашното првенство и два пати Магдебург во Европската лига, момците на Жељко Бабиќ и денеска потфрлија. Словаците имаа контрола на мечот во текот на целиот натпревар. Во првото полувреме најчесто водеа со 3-4 голови разлика, а на полувремето беше 16-14. 

Битолчани на средина од второто полувреме дојдоа до израмнување 22-22, но тоа беше и последниот нивни обид да дојдат до позитивен резултат. Татран брзо се врати во предност, па дури и дојде до +4 и знаеше како да ја одржи предноста до крајот за конечни 32-28.

Јосип Периќ со 10 голови беше најефикасен во таборот на нашиот тим, додека Стипе Мандалиниќ имаше седум. Градимир Чаневски на голот запиша седум интервенции. Оливер Рабек и Педро Пачеко со по седум голови најмногу се истакнаа кај Словаците. 

Еурофарм Пелистер сега има три победи и два порази на пет натпревари во групата А, додека Загреб има три победи од исто толку натпревари. Татран Прешов има две победи од пет средби, додека Металопластика е последна со една победа.