„Ние сме Вардар, не ги бираме противниците и со секој одиме на победа!“

Вардар не дозволи да покаже слабост ниту во четвртото коло од СЕХА-лигата славејќи победа над амбициозниот романски претставник Стеауа (27-21), како продолжение на одличниот триумф над Монпелје во Лигата на шампионите, во саботата. Роберто Парондо е задоволен, особено што победата ја одработија сите играчи, дури и оние кои обично имаат помала минутажа.

Проблемот со потесна клупа од минатата сезона, на вечерашниот натпревар не се познаваше. Парондо им даде шанса и на младите Оцвирк, Мишевски, дури и Кизиќ на голот во последните пет минути, а солидна шанса добија и Недановски, Поповски, Војводиќ... Сето тоа укажува дека Вардар не е тим кој „се вади“ на неколку ракометари, туку тим кој има ширина, барем во натпреварите од ваков калибар, во СЕХА-лигата.

„Уште една победа за нас во СЕХА, што е многу важно. Игравме против добар тим имавме тежок меч со силен интензитет. Затоа важно е што победивме. Се обидов да играат што повеќе играчи, оние кои беа поуморни играа помалку, но јас сум задоволен со придонесот на сите, се трудеа напорно за да победиме“, изјави Парондо.

Победата над Монпелје во саботата (27-24) беше емоционално исцрпувачка, тоа го потенцира и Дибиров пред мечот со Стеауа, затоа важно е што Вардар покажа ист, професионален и сериозен пристап. По победата, вечерва, Милосављев истакна дека тие се голем тим и нема да ги бираат противниците за да победат.

„Нам, како голем клуб, како Вардар, важен ни е секој натпревар, не ги бираме противниците и секогаш даваме максимум. Се надевам дека од натпревар во натпревар ќе играме се подобро. Денеска добија шанса играчите со помала минутажа да го изнесат натпреварот на плеќи, но најважно е тимот да победува и секогаш целта ќе ни биде да победуваме и да ја направиме публиката задоволна“, рече Милосављев, кој запиша 11 интервенции.

Вардар е прв во СЕХА, со максимални 12 бода од четири кола, а следниот меч го игра на 2 октомври, против Војводина, исто така во „Јане Сандански“.