Вардар запиша убедлив пораз на гостувањето кај Мотор Запорожје со 30-23 во рамки на СЕХА-лигата. 

„Црвено-црните“ одиграа далеку под своето ниво, немотивирано и можеби со половина сила, па убедливиот пораз не е изненадување. Работите беа јасни уште по првите минути, кога Украинците поведоа со 6-0. Момците на Стевче Аулошвски одиграа далеку под своето ниво во првото полувреме па имаа и -8, а на полувремето беше 16-9 за домаќинот.

Мотор во второто полувреме дојде и до највисоките +10 во 43-тата минута. Вардар само малку да ја намали негативата, но во ниту еден момент не го загрижи украинскиот шампион. Конечниот резултат 30-23 само покажува дека овој натпревар повеќе беше обврска за нашиот тим, а не вистински предизвик. 

Можеби најпозитивната работа за Вардар од овој дуел е младиот Мартин Карапалевски, кој доби шанса од Стевче Алушовски во второто полувреме и врати со четири голови од четири обиди. По четири голови постигнаа Димитар Димитриоски и Филип Талески, а најефикасен беше Васко Шеваљевиќ со пет погодоци. 

Голманите немаа свој ден, особено, бидејќи и одбраната на Вардар не беше на ниво па имаа вкупно осум одбрани, пет на Робин Кантегрел и три на Марко Кизиќ.

Ова е прв пораз на Вардар во СЕХА сезонава по двете победи над Војводина и Нексе.