„Не ме чуди оваа партија на Кизиќ, него го гледам во А-репрезентација“

За победата на Вардар против Металург (27-26) најзаслужни беа Даинис Криштопанс, но и Марко Кизиќ кој имаше 13 одбрани.

Данило Брестовац му беше селектор на Кизиќ и во кадетска и во младинска репрезентација ова лето, но сега мораше да трпи пораз поради неговиот фантастичен настап. На прес-конференцијата по дуелот рече дека не е изненден од ваквиот настап.

„Кизиќ одлично ги познава нашите ракометари, цело лето работеше со дел од нив во кадетска, со дел во младинска репрезентација. Така што, беше резонски што почна, добар тренерски потег. А неговиот настап не ме изненадува. Тој е многу талентиран голман, кого го гледам во А-репрезентација. Уште сега можеби е рано, но во иднина сигурно. Дотогаш треба работа, тоа е еден долг процес“, рече Брестовац.

Самиот Кизиќ, со израз на задоволство, скромно рече дека не очекувал вака впечатлив настап.

„Секогаш кога играме со Металург натпреварот е потежок. Исто така, тие играа без притисок, а ние имавме улога на фаворит, па игравме со малку повеќе притисок. Имавме малку повеќе експерименти во составот, добивме ние помладите. Беше договорено дека треба да почнам јас. Дека на ова ниво ќе бранам, не може да очекуваш, може само да се подготвуваш“, изјави Кизиќ, кој одбрани и два пенала.