На мускули, на искуство, ама Вардар си ја доби Војводина!

Вардар не дозволи да биде изненаден во Нови Сад, иако имаше услови за тоа во натпреварот со Војводина, кој на крај, сепак, заврши со 35-33 за актуелниот шампион во СЕХА-лигата.

И на овој натпревар не изостанаа симптомите кои го одбележуваат Вардар веќе 2-3 месеца во оваа нова сезона. Без Стоилов, Криштопанс, Дисингер, Горбок и без Шишкарев, црвено-црните се мачеа во првиот дел и константно бркаа негатива. Војводина го држеше водството на 3-4 разлика, а во 25. минута поведе и со највисоки 19-14, пред да замине на пауза со 20-16.

Сепак, во вториот дел се покажа дека прашање е на време кога ќе исплива искуството во „Слана бара“. Едуард Кокшаров ја смени одбраната во 6-0 зона, почна да фукнционира Калифа Гедбан на голот со седум интервенции само во вториот дел и тоа донесе резултат. Со серија од 4-0 Вардар изедначи на 24-24 во 42. минута, а до крајот бавно, но сигурно се одлепуваше.

Гедбан фатии пенал во решавачките мигови, ракометарите на Војводина направија и услуга што подлегнаа на притисокот и упропастија по некој свој напад, па не им помогна ниту голманот Арсениќ, кој направи чудо на неколку зицери. Водството на Вардар растеше од нов во нов максимум во завршните неколку минути, правејќи ја извесна седмата победа за актуелниот првак во осум меча од новата сезона.

Фантастичен натпревар одиграа Дибиров и Атман, првиот со 11, вториот со 10 гола, а кај домашните Грозданиќ броеше до 11. Вардар се издвои на првото место во групата А, со 21 бод, три повеќе од Мотор Запорожје. Следноит натпревар го игра идниот понеделник против Татран Прешов, во „Јане Сандански“.