Металург доживеа нов пораз во СЕХА-лигата, овој пат на гостувањето кај Загреб, со 28-30, во близок и многу често рамноправен натпревар.

Хрватскиот шампион не можеше да биде мирен до последните секунди, но за негова среќа Домагој Павловиќ погоди за конечните 30-28 и го оневозможи Металург да има напад за нерешено. Пред тоа, македонскиот вицепрвак беше упорен, константно агресивен во напад и го следеше Загреб во чекор. Проблем претставуваа техничките грешки во второто полувреме, кои му овозможија дури и на домашниот голман, Урх Кастелиц да постигне три гола на празна мрежа, поради играта седум на шест и со тоа да ја одржува предноста.

Таа достигна највисоки плус четири во 42. минута, кога беше 22-18, но ниту тоа не беше доволно да се скршат ракометарите на Металург, бидејќи до крајот повторно се вратија на минус еден.

Подобри беа во првото полувреме, кога на моменти и водеа, а резултатот беше крајно изедначен. Првпат некоја екипа поведе со два разлика во 22. минута, кога беше 12-10 за Загреб, а на одморот таа разлика остана преку резултатот 15-13.

Металург го движеа тројца ракометари, Халил Јагањац со девет гола, Филип Кузмановски со осум и Мартин Томовски со 10 интервенции. Кај Загреб, Златко Хорват предводеше со осум гола.

Металург пропушти шанса да мрдне од 16-те бода и евентуално да го престигне Татран Прешов, сепак остана седми. Загреб, пак, има 31 бод на втората позиција, три повеќе од Целје.