Металург не успеа да ја задржи трезвеноста докрај и загуби од Горење Велење со 24-29, во шестиот натпревар од СЕХА-лигата.

Беа рамноправни металурзите, на моменти и водеа против поискусниот противник, но не го издржија притисокот и по малку тензичниот амбиент во „Борис Трајковски“, па кон крајот од мечот „пукнаа“ и му дозволија на противникот решавачки да се одлепи.

Горење беше подобар од стартот, се чинеше дека уште рано ќе направи победнички исчекор кога поведе со 8-4 во 15. минута. Меѓута проработе нападот на Металург, па разликата полека се топеше за да дојде на 12-12 на две минути до паузата, но немаа сили да го задржат ова ниво, па на пауза имаа 14-16.

Второто полувреме почна извонредно, со серија од четири невозвратени гола, за да поведат со 18-16 и оттогаш се играш максимално изедначено. Ниту една од двете екипи не можеше да се одвои и на два разлика, се до влезот во последните десет минути.

Гостинскиот голман фати неколку топки, Металург имаше непријатни исклучувања, па прими и гол на празна мрежа за да му дозволи на словенешниот тим да се одлепи на 25-22, што беше само најава за почеток на крајот.

Во лошата напаѓачка вечер најистакнат кај Металург беше Халил Јагањац со шест од девет, Божо Анѓелиќ четири од дури 12 обиди, а голманот Дарко Арсиќ, откако само еднаш интервенираше во првиот дел, мечот го заврши со седум одбрани. Кај Словенците најефикасен беше Грегор Поточник со пет гола. Со оваа победа Горење го надмина Металург на табелата, сега тој е шести со седум бода, а Металург седми со шест.