Македонско дерби како во славните денови, со трепет за победата до последните секунди понудија Металург и Вардар, сепак во епилогот изостана изненадување и Вардар ги освои двата бода во „Борис Трајковски“.

Актуелниот шампион во СЕХА-лигата славеше со 27-26 (11-13), но ракометарите во црвено и црно можеа да се радуваат дури по завршната сирена, чекајќи го нападот за реми на Металург. Шпенде се крена и шутираше од девет метри, но топката заврши покрај голот, спречувајќи барем бод како награда за макотрпната борба на металурзите.

Тие водеа подолго во натпреварот, демонстрирајќи послина желба и поголема борбеност. Ја презедоа контролата по првата четвртина од мечот, од кога почнаа проблемите за Вардар. Беше 8-4 за тимот на Роберто Парондо во 16. минута, но оттогаш до крајот тој постигна само три гола. Металург го доби првиот дел со 13-11, а одличната претстава продолжи и во првите минути од второто полувреме.

Во 36. минута поведоа со највисоки плус четири, 16-12, заокружувајќи го тој преиод од 20 минути со неверојатни 12-4 во своја полза. Парондо заврши со експериментирањето во составот, па го внесе првиот тим на паркетот, на местото на Оцвирк, Војводиќ и Мишевски на моменти. Сепак и вака беше тешко за Вардар да се врати.

Изедначи дури во 51. минута (21-21), потоа и поведе со два разлика, но неизвесноста траеше до завршните мигови. Голема заслуга за победата на Вардар има Даинис Криштопанс, не само поради неговите пет гола, сите во вториот дел, туку и поради физичката супериорност во секој дуел, било во одбрана, било во напад. Фантастична партија имаше и 17-годишниот Марко Кизиќ со 13 одбрани, од нив два пенала, иако имаше добар пандан во Никола Даниловски на спротивниот гол, со осум интервенции. Шпенде даде шест гола, Миличевиќ четири.

Вардар сега е прв со 24 бода, колку што има и Загреб, Металург остана на четири, на деветото место.