Металург не успеа да врзе две победи едноподруго оваа сезона, па по успехот против Чеховски во ЛШ, им се врати на поразите во дуелот со Стеауа, во 8. коло од СЕХА-лигата.

Стеауа допатува во Скопје без неколку ракометари, со скратен и комбиниран состав, но сепак излезе пресилна за Металург, совладувајќи го со 29-28. Вистинскиот израз е, веројатно, поупорна, бидејќи македонскиот тим водеше долго во мечот без да го материјализира тоа на крајот.

Некоклу пати во првото полувреме беше плус два за Металург, а сирената за пауза се огласи кога важеше 15-13 за сините од Автокоманда. Стеауа почна да се враќа на почетокот на вториот дел и успеа да ги сврти работите, по неполни десет миунти.

По 20-22 во 48. минута, Металург се врати за да изедначи и до крајот двете екипи се менуваа наизменично со головите. Металурзите дури и поведоа со 26-25 во 54. минута, но гостите  беа поконцентрирани до крајот. Клучни играчи во нивната победа беа пивотот Јохансон со пет гола, од кои четири во завршните четири напади од мечот и, секако, голманот Станеску, кој запиша неверојатни 19 интервенции.

И Данило Брестовац се обиде да заштеди дел од силата на ракометарите, со оглед дека веќе утревечер играат против Спортинг во ЛШ, па во таква ситуација како најефикасни се истакнаа Александар Шпенде со шест гола, Марио Танкоски и Мице Шилегов со по четири. Никола Даниловски имаше уште една одлична партија на голот, со 12 одбрани. Металург останува деветти во СЕХА, со четири бода, а Стеауа првпат победи како гостин, па се качи на четвртото место со 15. Следниот меч во регионалната лига Металург ќе го игра на гости кај Војводина, на 27 ноември.