Манасков: Среќен сум за титулата, но беше тешко да се игра пред празни трибини!

Македонскиот ракометар Дејан Манасков освои уште една титула со унгарскиот гигант Веспрем, кој вчера беше подобар во финалето на СЕХА-лигата против ППД Загреб.

Манасков кажа дека е среќен што ја освоиле титулата, но смета дека натпреварот бил бавен и им било тешко да играат пред празни трибини.

„Најважно е тоа што ја освоивме титулата. Не одигравме најдобро, имавме падови во второто полувреме, кога промашивме неколку удари и му дозволивме на Загреб да се врати во игра. На крајот можеби малку и среќата ни помогна, но сепак успеавме да победиме. Не го потценивме Загреб, тешко е да се игра пред празни трибини. Натпреварот беше бавен, немавме можности да трчаме многу, хрватската екипа беше добар противник, но задоволни сме со освоената титула. Мора да играме подобро за посилните противници во Лигата на шампиони во следната сезона, но мислам дека ќе биде интересно“, кажа Манасков.