Македонецот во БиХ го гмечеа на теренот, но тој ги здроби со голови (ФОТО)

Во сенка на интернационалците во поголемите првенства, Македонија успешно е претставена и во Босна и Херцеговина, од Јован Талевски, средниот бек во боите на Слобода Тузла.

Не само што ја импресионира тамошната ракометна јавност со квалитетот, на последниот натпревар покажа и дека е борбен и бестрашен. Слобода Тузла ја победи Босна со 37-33 во Купот на БиХ и се пласира во четвртфиналето, а Талевски немаше лесна задача на теренот.

Противникот ни малку нежен, го гмечеше во тешко подносливи дуели и „сендвичи“ на теренот, но тоа не го спречи да биде најдобар на теренот. Постигна шест гола за победниците, а по директива на позицијата среден бек, подели и неколку асистенции на соиграчите.

Талевски се приклучи на Слобода во средината на ноември, а веќе има важно место во овој тим. Сезоната ја почна во дресот на Струга, но од тој обид не бидна комплетен трансфер. Претходно играше и во Работнички и во Прилеп. Сега доаѓа во екипа која во моментов го држи шестото место во Премиерлигата во БиХ, со амбиции за излез во Европа.

Тој е дел од генерацијата 1994, која во 2014 година ја претставуваше Македонија и на младинско ЕП во Австрија.