Лекиќ: Вардар и Македонија вечно ќе ги паметам, таа љубов не се опишува!

Поранешната најдобра светска ракометарка, Србинката Андреа Лекиќ неодамна се врати во словенечки Крим, од каде и почна интернационалната кариера, која во еден момент ја донесе и во Скопје каде пет години беше членка на женскиот тим на Вардар, кој пред две години се распадна поради финансиските проблеми.

Лекиќ беше меѓу првите ѕвезди што дојдоа во Македонија кога тргна проектот со Вардар, како прв од трите колективи на црвено-црните што ги финансираше рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, а женскиот колектив беше прв што се распадна, по што русинот се откажа прво од машкиот ракометен клуб, а потоа и од фудбалскиот.

Србинката во интервју за српски „Вечерње Новости“ посочи дека петте години во Скопје и Македонија се незаборавни и не се опишуваат.

„Љубљана беше победа над стравот, прва година надвор од својата земја, а потоа тргна феноменално кога ќе сфатиш што можеш и кога вербата ќе го победи стравот. Во Ѓер се формирав како ракометар, а во Вардар минав незаборавни пет години. Само ми е жал што не ја освоивме Лигата на шампионите, но Скопје и Македонија е средината која најмногу ќе ја паметам. Таа љубов на Македонците кон ракометот, кон Вардар – тоа не се опишува. Не е ни чудо што ракометот е спорт број еден, што трибините се полнеа... Па срдечноста на луѓето...“, вели Лекиќ.

Вардар пет години беше дел од фајнлфорот во ЛШ, трипати немаше среќа во финалето да стигне до европската круна, за Скопје да стане ракометен светски центар, со два европски прваци, во машка и женска конкуренција. За разлика од женскиот тим, ракометарите на Вардар двапати стигнаа до европскиот трон.