Комплетирано е СЕХА-друштвото: Десеттиот тим е Стеауа!

Романскиот вицепрвак Стеауа го комплетира спосокот со екипи во СЕХА-лигата за сезоната 2018-19. СЕХА-лигата денеска ја потврди оваа информација, а и самиот клуб се пофали на својот официјален сајт.

Првпат во осумгодишното постоење на СЕХА-лигата ќе игра екипа од Романија. Стеауа доби шанса слично како Извиѓач од Босна и Херцеговина, по откажувањето на словенечките Целје и Горење и откако Веспрем ја одби поканата.

За сите нив проблем беше обичниот лигашки систем на играње во СЕХА-лигата, со 18 меча во регуларната сезона, кои им прават многу густ распоред, кога ќе се спојат со обврските во домашните првенства и во Лигата на шампионите.

Од истата причина, веројатно, прескокнал и романскиот шампион, Динамо Букурешт, па прифати следната екипа по него. Стеауа е екипа која немаше европски настапи во последниве седум години, а сезонава се враќа, во двомеч со Вардаждин, во првото квалификациско коло од ЕХФ-купот.

Новата сезона во СЕХА ќе почне на 28 и 29 август, а ќе играат: Вардар, Металург (Македонија), ППД Загреб, Нексе (Хрватска), Војводина, Железничар (Србија), Извиѓач (БиХ), Татран Прешов (Словачка), Мешков Брест (Белорусија) и Стеауа (Романија).