„Комплексот Еурофарм“ повторно се јави: Пораз од еден разлика од Загреб!

Шести пат оваа сезона Еурофарм загуби со еден гол разлика, сега во СЕХА-лигата, против ППД Загреб, со 26-27. Тоа беше своевидна реприза на дуелот на овие две екипи во Хрватска, кога исто така „плинарите“ победија минимално, со 24-23.

Сепак, за разлика од некои други натпревари оваа сезона, сега Еурофарм не беше толку конкурентен, впрочем, ниеднаш не поведе. Загреб постојано беше во предност, најмногу со плус четири во првото полувреме, а со таква дистанца и настапи паузата, 12-16.

Во вториот дел битолчани ја намалија негативата и беа многу почесто во шанса да изедначат, на моменти покажаа и убава комбинаторика во нападите, последен пат губеа со минус три во 53. минута, кога беше 25-22 за Хрватите. Граѓан беше главното оружје во последните минути и Еурофарм намалуваше на еден разлика, но не успеа да се одбрани докрај.

Остроушко со седум гола беше најефикасен, Ѓукиќ додаде пет, а голманите имаа вкупно девет одбрани (Митревски 5, Чаневски 4). Кај Загреб незапирлив беше Хорват со 10/10, од кои шест од пенал. Ова е петти пораз за Еурофарм оваа сезона во СЕХА-лигата, по кој остана на девет бода, веќе големи шест зад Загреб на третото место. Ова беше последен натпревар во Битола, а од оваа полусезона преостануваат уште гостувањата во Веспрем (11 декември) и во Москва кај Спартак (15 декември).