Како за сите, така и за Вардар: Нема тренинзи, барем, 4-5 дена!

Вардар го затекна одложувањето на претстојните два натпревар, со Нексе, кој требаше да се одигра в недела и со Пик Сегед, закажан за следната недела. Не дека ситуацијата не е доволно сериозна за да се откажат овие дуели, туку СЕХА и ЕХФ до последно смируваа и уверуваа дека ќе се игра. Затоа и вардарци чекаа подготвени, но сега нема да тренираат, барем 4-5 дена.

Сите тренинзи на младинските екипи ќе бидат распуштени, информира Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар. Тренингот на сениорскиот тим, денеска напладне, е последен и понатаму ќе следи пауза, барем од 4-5 дена. На тренерот Стевче Алушовски жал му е што барем обврската со Нексе не ја тргнаа од агендата, но вели како за сите, така и за Вардар.

„Ние до денеска се подготвувавме за дуелот в недела. Сега ова ни е хендикеп. Во моментов сме поквалитетни од Нексе и в недела ќе го заверевме Ф4 турнирот во СЕХА. Сепак, мора да се придржуваме кон одлуките на нашата држава и за тоа што ќе биде понатаму. Практика низ цела Европа е сите да се распуштени на 4-5 дена. Најверојатно и ние ќе се одлучиме на таков чекор. Играчите и нивното здравје е пред сè и ќе направиме сè да ги зачуваме. Нашите тренинзи со 80% сигурно ќе бидат одложени. Изненаден сум од целата ситуација и не знам што ќе се случува“, изјави Алушовски.