Ја спукаа ли Чупиќ и Дибиров со Алушовски? Легендите покажуваат незадоволство!

Не е трагично тоа што Вардар загуби од Веспрем во финалето од СЕХА-лигата (27-35), уште помалку што, црвено-црните го одиграа, веројатно, најдобриот свој натпревар во овој период, од почетокот на подготовките. Проблемот во овој пораз е лошата атмосфера во црвено-црниот табор која „замириса“ од Задар до Скопје, како расипано јајце.

Првиот показател дека нешто не е како што треба беше острата реакција на Иван Чупиќ при еден тајмаут во првото полувреме. Тој буквално му свика на Стевче Алушовски, пред очите и ушите на јавноста. Тоа се случуваше кон крајот на првиот дел, а нервозата кај Чупиќ остана и на теренот, во дуелите, нешто што не помина незабележано дури и од коментаторот на македонската телевизија.

Во второто полувреме - Чупиќ никаде го немаше!

Цел втор дел остана на клупа, а не треба да се потенцира колку е важен во играта, особено во овој период, кога Алушовски никако не може да погоди со левораките ракометари. Се случуваше на претходните натпревари Чупиќ да спасува ситуација на десен бек во дел од натпреварите, а сега не играше цело полувреме ни на својата оригинална, крилна позиција.

Во последните десет минути од натпреварот дојде вториот симптом дека има болка во Вардар. Дибиров од ништо предизвикан, влезе во расправија, па дури и во физички дуел со Блаж Благотиншек, пивотот на Веспрем висок 202 сантиметри. Поради тоа доби исклучување, а дури и откако истече казната од две минути тој не се врати на паркетот.

Можно ли е двете легенди на Вардар, столбовите на овој тим, на ваков начин да манифестираат некакво незадоволство кон тренерот Алушовски?!