Ивано Балиќ се враќа во хрватската ракометна репрезентација

Еден од најдобрите ракометари на сите времиња, Ивано Балиќ во иднина ќе седи на клупата на хрватската репрезентација и тоа како помошник на селекторот Хрвоје Хорват, објавува „Вечерни лист“.

Поранешниот репрезентативец беше еден од тројцата кандидати за селектор по заминувањето на Лино Червар, но Хрватската ракометна федерација му ја укажа довербата на Хорват поради поголемото искуство. 

Балиќ, кој веќе има селекторска функција во јуниорксата репрезентација, ќе го замени Игор Вори, кој досега беше помошник селектор. Поранешниот пикер во иднина ќе биде само директор на националниот тим.

Официјалното назначување ан Балиќ би требало да се случи во април на следната седница на Управниот одбор на Хрватската ракометна федерација.