Хрватите ептен богато ќе ги наградат ракометарите за пласман на ЛОИ 2020 во Токио

Ракометните репрезентативци на Хрватска ќе добијат повеќе од сериозна награда ако преку ЕП во Австрија, Норвешка и Шведска, кое почнува следниот месец, обезбедат пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) 2020 во Токио, откако челниците на овој спорт им ветија премија од дури 200.000 евра.

„Коцкестите“, кои сакаат да ја крунисаат успешната 2019 година, во која освоија медали во јуниорска и кадетска конкуренција, се фаворити во прелиминарната група во која се заедно со Србија, Црна Гора и Белорусија. При евентуален пласман во втората фаза меѓу потенцијалните ривали на патот кон обезбедување на богатата награда би можела да им стои и селекцијата на Македонија, која првата фаза ќе ја одигра во Виена против Австрија, Украина и Чешка.

Директен пласман на ЛОИ 2020 ќе им донесе само ако го освојат златниот медал на ЕП 2020, но премијата важи и ако Хрватска се најде на олимпискиот турнир и по заобиколен пат, односно преку дополнителните квалификации за кои повеќе ќе се знае по завршување на континенталниот собир.