Георгиевски: Ако одиграме според договореното ќе ја добиеме Војводина

Вардар утре ја пречекува Војводина во рамки на СЕХА-лигата. Тоа ќе биде прв официјален натпревар за нашиот тим во втората полусезона и воедно ќе биде старт на еден пеколен распоред на натпревари што ги очекува „црвено-црните“ во февруари. 

Ќе биде добро за самодовербата на тимот да се тргне со победа, особено поради многуте гостувања во Лигата на шампионите во наредниот период. Десното крило Гоце Георгиевски се надева дека тимот позитивно ќе тргне во новата година, но ќе мора да се реализира она што е договорено пред натпреварот, бидејќи Војводина е квалитетен состав. 

„Прв натпревар по два месеци без официјален натпревар. Се подготвуваме како и за секој натпревар. Малку сме во редуциран состав поради репрезентативците па затоа потешко ја составуваме екипата, но најважно е дека сите сме здрави, нема повредени играчи. Утре ќе ни се приклучат и останатите репрезентативци и ќе бидеме доволно подготвени за Војводина. Се работи за еден добар и квалитетен противник, немаме премногу материјали за да ги гледаме како играат. Одиграа еден натпревар пред Нова Година. Можевме да видиме дека е добар состав со квалитетни играчи. Мислам дека ако одиграме она што сме го договориле на тренинзите и видео-анализите би требало да извојуваме победа. Тоа да ни биде добра увертира пред тоа пеколно темпо кое ни следи во февруари и оној прв натпревар со Порто во Лигата на шампиони. Ако останеме сите здрави можеме да се надеваме на добри резултати“, ијзави Георгиевски.