„Гаџа сѐ уште е играч на Загреб, а ако Вардар го сака ќе мора - дебело да плати!“

Веста дека Анте Гаџа и официјално е нов ракометар на Вардар вчера беше главна вест буквално на сите македонски медиуми, но денеска веднаш стигнаа спротивни информации од Хрватска, од каде што велат дека работата сѐ уште е далеку од реализација.

Средниот бек, кој беше промовиран во наследник на Сташ Скубе на плејмејкерската позиција, сѐ уште е член на ППД Загреб, чии челници нема лесно да се откажат од неговите услуги.

„Во Вардар многу добро знаат колкава е отштетата за Гаџа. Кога ќе ги уплатат парите, дури тогаш ќе може да го добијат нашиот ракометар. Засега ништо не е реализирано, па Гаџа се уште е играч на ППД Загреб“, вели Божидар Јовиќ, главниот менаџер на клубот.

Потврда на неговите зборови доаѓаат и од самиот ракометар.

„Сѐ уште немам ништо потпишано, што значи дека и понатаму сум член на ППД Загреб. Само ако се договорат клубовите, тогаш ќе си заминам. Во комбинација беше и Спортинг Лисабон, но како што стојат работите во моментов, многу е подобра опцијата да заминам во Вардар“, изјавил Гаџа.

Ова би можело да е втор голем проблем за новата управа на вардарци, која денеска остана без планираното засилување на позицијата лев бек, Русинот Димитриј Санталов, кој неочекувано потпиша за Мешков Брест.