Џамбо и Вујо повторно заедно: Милиќ „на пола пат“ до Железничар!

Доскорешниот голман на РК Вардар, Страхиња Милиќ, најверојатно ќе застане на голот на новиот српски проект, Железничар.

Популарниот Џамбо повторно ќе се спои со Веселин Вујовиќ, велат неофицијалните информации од Ниш. Железничар имал намера да ја искористи новонастанатата ситуација со Страхиња Милиќ и да го доведе во своите редови, како дополнување на амбициозните планови.

Овој клуб го освои Купот на Србија, се пласира во СЕХА-лигата и во Купот на ЕХФ, а сега планира да атакува на титулата во својата земја и на место во Лигата на шампионите. Затоа го ангажираа и Веселин Вујовиќ како тренер, а полека почнуваат да го полнат и ростерот со искусни играчи.

Срахиња Милиќ би бил големо засилување, со оглед на неговото педигре. Со Вардар стана европски првак и освои грст титули, иако најчесто како замена на Арпад Штербик. Сепак, неговото искуство, а и познанството со тренерот Вујовиќ се извонредна препорака за нишкиот тим. Оттаму веќе го контактирале Џамбо и, неофицијално, постоел интерес и од голманот да се врати во татковината.

Милиќ дојде во Вардар во 2012 година и уште првата сезона стана шампион на Македонија. Остана до летово, кога се раздели откако управата на клубот сакаше да му ја намали платата, како казна за превисоката телесна тежина.