„Да заврши годинава, па ќе седнеме со Самсоненко да зборуваме за нов тренер на Вардар!“

Вардар го најави последниот натпревар кој ќе го одигра во Скопје во 2019 година, в понеделник против Татран Прешов (20.15ч.). Потоа гостува кај Нексе, идниот понеделник и со тоа ќе ја заврши полусезоната.

За разлика од Лигата на шампионите, каде што не цветаат рози, во СЕХА работите се под контрола, од резултатски агол. Вардар е прв во својата група, има сигурно четврт-финале и сега останува уште да го зацементира највисокото место.

"Ние ја остваривме целта во СЕХА-лигата за оваа полусезона. Се пласиравме во четвртфиналето и сега сакаме да ги одиграме уште овие два натпревари и ако може и да го обезбедиме првото место. За тоа ни требаат уште три бода, кои очекувам да ги освоиме на овие два меча", рече Кокшаров.

Тој го презеде Вардар со додавката „привреме“ покрај функцијата тренер, па прашање е дали нешто ќе се менува во вториот дел од сезоната.

„Прво чекаме да заврши полусезоната, па потоа планираме да седнеме со претседателот и да донесеме решение. Одиме скала по скала, прво да ги одиграме натпреварите кои ни остануваат, па ќе решаваме за следната полусезона“, изјави Кокшаров.

„Свесни сме дека ова ни е последен натпревар на домашен терен оваа година и затоа ќе се обидеме да дадеме максимум од нас и да ја завршиме 2019 со победа“, изјави крилот Димитар Димитриоски.