Безгрешниот марш на вардарци во СЕХА-лигата продолжи и во шестиот натпревар, на гостувањето во Словенија, кај Целје, со победа од 31-28.

Ако е некаква утеха за Целјани, тие беа најблискиот конкурент на Вардар од сите кои оваа сезона настрадаа од црвено-црната машина. Иако овој натпревар почна да заличува на мнозинството пред него, со еден незапирлив налет на Вардар, некаде на половина од првиот дел, сепак младиот словенечки тим имаше капацитет да се врати и да го направи интересен до крај.

По веќе видениот рецепт, противникот беше рамноправен 17-18 минути, а потоа одбраната на Вардар чудесно почнува да делува, да ги принудува на грешки ривалите, а предноста да расте. Во „Златорог арена“ така беше до 8-8, а потоа шампинот во СЕХА се одлепи на 13-10, водство кое го зачува и на паузата, со 16-13.

Во почетните минути од вториот дел успеа и да го надгради, па допре до 20-15 во 37-мата, но оттука Целје почна да диктира. Разликата беше голманот Алијаж Пањтар, кој влезе во второто полувреме и им даде ветер во грб на соиграчите. Целје направи прво серија од 5-2, која потоа ја протегна до осум постигнати гола за 10 минути и веќе имаше активни 23-24.

Вардар наоѓаше начини да го одржи водството и не дозволи ниту нерешено, но му беше тешко бидејќи Словенците притискаа и дојдоа уште еднаш на минус еден и на 28-30, на минута и пол до крајот. Сепак, Карачиќ беше присебен во последните минути осигурувајќи ја шестата победа за Вардар оваа сезона во СЕХА; седма во седум дуели со Целје.

Тимур Дибиров и Данил Шишкарев беа најефикасни со по шест гола, Лука Циндриќ постигна четири, а голманите не блескаа, Страхиња Милиќ имаше седум интервенции за преку 50 минути, а Штербик две до финишот. Кај Целје, дури четворица постигнаа по пет гола, Млакар, Аниќ, Вујовиќ и Кодрин, а голманот Пањтар застана на осум одбрани.