Циндриќ за последно со Вардар во СЕХА: Ова беше посебен турнир за мене!

Лука Циндриќ го одигра последниот натпревар во СЕХА-лигата како ракометар на Вардар. И следната сезона може да игра во регионалната лига, но само ако се остварат најавите дека Кјелце ќе се приклучи во регионов.

Циндриќ успеа да ја круниса оваа посебна пригода со признанието МВП на Ф4-турнирот. Го заслужи со пет гола и три асистенции, преведено во бројки, но и со многу борба и пожртвуваност на теренот. Вели дека уживал.

„Беше прекрасна атмосфера, преубаво беше во салата, а ние одигравме добар натпревар. Сите знаевме дека Загреб ќе одигра добро, дека ќе пружи брз и квалитетен ракомет и така и се покажа. Одигравме еден машки натпревар. Во второто полувреме искористивме некои нивни грешки. Сѐ на сѐ, една одлична претстава“, рече Циндриќ.

Емоциите уште се складирани, ќе има време да се простува од Вардар откако ќе одиграат во ЛШ и во Лигата на шампионите, но на платформата од СЕХА, ова е негов последн натпревар во црвено и црно.

„Ми значи многу оваа победа. Беше одлично да се игра овој турнир, од организација, до публика до сите вклучени. Навистина беше одлично искуство и се надевам дека нема да ја разочараме нашата публика и со Кил, па ќе се пласираме на Ф4 и во Лигата на шампионите“, додаде Циндриќ.