Червар нѐ „пецка“: Вардар е европски шампион, но каква корист од тоа има Македонија?!

Актуелниот предводник на ракометната репрезентација на Хрватска, Лино Червар, кој во минатото работеше и како македонски селектор и како тренер на Металург, во интервју за медиумите од својата земја се обиде да го анализира потенцијалот со кој располагаат „коцкестите“, во кои искористи аналогија поврзана и со нашиот национален тим.

Во обид да објасни што е подобро за една држава, дали да се форсира клупскиот или репрезентативниот ракомет, „стариот лисец“ одговори со референца поврзана со нашиот најдобар клуб.

„Вардар е прв во Европа, но каква корист од тоа има репрезентацијата на Македонија. Тоа е проблем за кој неодамна говореше и нивниот капитен и најдобар ракометар, Кирил Лазаров. Кјелце, пак, со години е во врвот на европскиот ракомет, а Полска не може да направи ништо на големите натпреварувања“, изјави меѓу другото Червар.

Искусниот тренер во продолжение се осврна и на работата со младите, а како пример повторно искористи ситуација од времето кога работеше во Македонија.

„Поради штрајк во еден момент во Металург останав без дури 25 ракометари. Газдата (Минчо Јорданов-н.з.) ми кажа дека мора да останам само за да покажеме дека и со деца можеме да одиме напред. Против Кил игравме со Кузмановски, Талески и Нелоски, кои тогаш буквално беа 'клинци'. Постигнавме три гола за едно полувреме, но добивме аплауз за храброста. Но, тие ракометари две години подоцна го совладаа Вардар, непосредно пред тој да ја освои првата европска титула. Но, работев по шест часа дневно со нив и на тоа сум најмногу горд. Во една прилика го прашав тогашниот македонски премиер Никола Груевски дали си ги сака сопствените деца, бидејќи видов дека за Вардар тече мед и млеко, а другите не добиваат ништо. Не ми се допадна таквата ситуација и си заминав“, дополнува Червар.

Целосното интервју со хрватскиот селектор во пресрет на ЕП 2020 во Австрија, Норвешка и Шведска може да го прочитате на следниот линк.