Червар не може да прежали што беше изигран од својот миленик во Металург!

Трансферот на најдобриот ракометар на Металург, Хрватот Халил Јагањац во Нексе сѐ уште е топ-тема во хрватските медиуми, уште повеќе што тој денеска го имаше првиот контакт со доскорешниот тренер, Лино Червар, кој како тренер на ППД Загреб беше ептен заинтересиран за неговиот потпис.

„Стариот лисец“ воедно е и селектор на репрезентацијата на Хрватска, која денеска го имаше првиот собир пред квалификациските средби за ЕП 2020 против Швајцарија и Белгија. Новинарите беа заинтересирани да ја слушнат реакцијата на Червар по одлуката на Јагањац да не дојде кај него туку да потпише за вториот по квалитет хрватски тим и покрај тоа што тој беше негов миленик во Автокоманда.

„Не можам да кажам што во моментов чувствувам, но не ми е сеедно. Јагањац си го кажа изборот и си тргна по својот пат, тоа е негово право. Нема да ги мешам работите иако тој го избегна мојот ППД Загреб. Ова е национален тим и јас така ќе се однесувам. Сето друго засега не е важно“, со половина уста промрморел Червар пред хрватските новинари.

Јагањац пред неколку дена и официјално стана играч на Нексе, а неофицијално Металург добил околу 100.000 евра во вид на отштета што предвремено го прекинал неговиот договор.