Брестовац: Последниот напад го вежбавме пола тренинг и пак ништо!

Металург, веројатно, никогаш повеќе оваа сезона не заслужил бод(ови) како во дербито со Вардар, со еден константен пристап 60 минути, сепак изостана наградата.

Данило Брестовац рече дека тешко му е да се соочи со грешките на неговите момци за работи кои ги потенцирале на тренинг.

„Честитам на Вардар за победата. Можеби одигравме добро во континуитет, но она што ми пречеше, што им замерив на играчите се некои техничко-тактичи грешки. На пример знаевме како се движи Скубе, каде треба да се затвори или Карачиќ, Криштопанс да се затвори... Не знам, можеби се млади уште, па тешко се одржува дисциплината. Ми пречеше и последниот напад, вчера дури и го вежбавме на тренинг, 20 минути можеби, како да знаевме дека ќе се случи, но ете. Да не ме сфатат од Вардар погрешно, но натпреварот некако немаше тежина и беше шанса да одиграме. Она што може да го извлечам како позитивно е тоа што имавме континуитет во цел натпревар. Немавме ротација како Вардар,кој го искористи Скубе како низок играч кога беше потребно или Криштопанс со своите физички предиспозиции, одиграа многу паметно во финишот.“, елаборираше Брестовац.

Томислав Јагуриновски, кој играше со преврзана глава поради повредата на гостувањето во Војводина, минатата недела, постигна еден гол и направи две асистенции. Понизно призна дека навистина грешеле и вети дека уште ќе работат.

 

„Одигравме коректен натпревар, а тоа што го кажа тренерот точно е, некои работи коишто ги вежбаме на тренинг не ги практикуваме, навистина а така, иако не знам зошто. И последниот напад, го вежбавме, речиси, пола тренинг, но... Мислам дека треба уште многу да работиме и да поправиме многу грешки“, рече десниот бек.