Брестовац: Ова е заслужена победа за Стеауа, на нас ни недостигаше борбеност!

Металург денеска не успеа да врзе две победи по ред, откако беа поразени со 28-29 од Стеауа во СЕХА-лигата.

Стеауа допатува со малку ракометари и никој не очекуваше дека ќе стигне до триумф, па тренерот на екипата од Автокоманда, Данило Брестовац им ја честиташе победата на противниците.

„Честитки до гостите за победата. Искрено, ние воопшто не се подготвувавме за нив, затоа што дуелот со Спортинг ни е многу поважен. Се обидов да наметнам еден начин на игра, кој судиите не го прифатија. Не ни дозволуваа да повлечеме брз центар. Нè враќаа постојано. Не сум паметен и ова е чудна ситуација. Во секој случај, заслужена победа на Стеауа. Ни недостигаше борбеност и ангажман. Нека ни биде овој натпревар поука“, кажа Брестовац.

Ракометарот на Металург, Мартин Велковски, кажа дека не одиграле добро кога било најважно, па им ја честиташе победата на гостите.

„Пред сè, би сакал да им ја честитам победата на гостите. Проблемот беше во нас, ние лошо отворивме во однос на реализацијата, па промашивме многу чисти шанси. Имавме и водство кое го загубивме. Иако успеавме да се вратиме, на крајот кога беше најважно не одигравме како што треба. Имавме шанса за реми, ноне ја искористивме. Не знам дали е проблемот до нас или до густиот распоред. Ќе беше убаво да го добиеме дуелот, но што е, тука е“, вели Велковски.