Брестовац: Не знам зошто се задоволуваме со само едно добро полувреме?

Металург останува без победа и по четири одиграни натпревари во СЕХА-лигата, откако вечерва во „Борис Трајковски“ одигра само 27-27 со Извиѓач.

Повредените играчи се вратија во составот, па тренерот Данило Брестовац можеше да смета на сите адути. Иако во првото полувреме Металург играше одлично и имаше и водство од пет голови, но во вториот дел направи огромен број технички грешки кои гостите ги искористија за да го диктираат резултатот. На крајот ремито можеби е и реален резултат.

„Јас сум среќен што првпат оваа сезона сме комплетни. Првото полувреме можеби требаше да го решиме мечот. Ќе имаме проблеми во вториот дел на сите мечеви. Имам млади играчи, кои може се задоволуваат со само едно добро одиграно прво полувреме. Импровизираме секогаш на тренинг, бидејќи ни беа повредени левораките играчи. Влегуваме во технички грешки кои се несфатливи. Искрено очекував дека ќе победиме барем со еден гол разлика. Мислам дека кога ќе ги споредиме двете полувремиња овој резултат е реален. Ни останува што подобро да се подготвиме за дуелот со Бешикташ“ во Лигата на шампионите во недела, изјави Брестовац.

 „Го почнавме овој дуел добро во одбраната, направивме добра залиха. Не знам која беше причината за падот на крајот на првиот дел и во вториот дел, можеби овој вечерен термин не ни одгововара нас. Извиѓач одигра одлично во второто полувреме и заслужено на крајот се избори за бод“, изјави новиот капитен на Металург, Мартин Велковски.

Гостинскиот тренер очекувано беше задоволен од освоениот бод во Скопје иако Извиѓач постојано водеше во второто полувреме.

Мораме да бидеме задоволни со обој бод во гости. Знаевме дека домаќинот нема побед и ќе направи се за да стигне до триумф. Метлаург беше подобар во првиот дел, ние бевме подобри во вториот дел. Имавме напади и за плус 3 и тука можевме да го решиме мечот, но сепак на крајот задовлни сме со бодот“, изјави Милан Толиќ.