Брестовац: Честитки до Јагањац, очекувам да стане најдобар во светот!

Металург конечно ја запиша првата победа во новата сезона и тоа против Татран Прешов со 30-28 во СЕХА-лигата, откако на почетокот се соочуваше со катастрофални резултати.

Денеска екипата од Автокоманда одигра навистина добар натпревар, па уште на самиот почеток можеше да се забележи дека ракометарите ќе дадат сè од себе за триумф, а пофалби за екипата имаше и тренерот Данило Брестовац.

„Знаевме дека Татран имаше проблеми со ротација. Се обидувавме да играме поагресивно и ја искористиме нивната кратка ротација. Но, не би сакал да правам подлабока анализа. Честитки до сите ракометари, како и до Јагањац, кој беше наш лидер на овој меч. Очекувам тој да стане најдобар во светот. Ми претставува особена чест и задоволство што работевме“, изјави Брестовац.

Младиот Халил Јагањац се збогува со екипата на Металург, откако претходно се согласи на трансфер во Нексе, па кажа дека ова бил навистина емотивен натпревар за него.

„Натпреварот против Татран беше емотивен за мене, затоа што е последен во овој дрес. Покажавме дека иако сме млада екипа, кога ќе направиме се што треба - доаѓаат резултатите и може да играме против секого. Македонија има светла иднина со тие играчи. Би сакал да му се залбагодарам на секој што беше дел од оваа убава приказна наречена Металург. Се надевам дека не разочарав во Металург. Тешко ми е што си одам, но истовремено и среќен затоа што тоа го правам со победа. Од првиот ден ми беше убаво, не можам да издвојам една работа. Ме прифатија сите како да сум дома, ми помагаа да се адаптирам и да се чувствувам комотно“, изјави Јагањац.