„Беше тешко и неизвесно докрај, затоа добро е што победивме“

Вардар остана на победнички колосек и во претпоследниот натпревар во 2018 година, славејќи над Татран со 23-21, а Роберто Парондо истакна дека е среќен со епилогот и покрај тоа што не се претставија во најсвелто издание.

Вардар се мачеше во првото полувреме и во неколку наврати му дозволи на противникот да води. Сепак во вториот дел го зеде мечот во свои раце и, иако со кревка предност, остана во предност докрај.

„Прво му благодарам на Прешов за мечот денеска, мислам дека сите што гледаа и во салата и на ТВ можеа да уживаат. Првото полувреме не беше доволно добро, им кажав на играчите дека не играат со интензитетот со кој требаше да играме. Денеска имавме проблеми затоа што двајцата играчи коишто играат во ценарот на одбраната се повредија во текот на мечот, сепак, на крај најважно е што победивме“, рече Парондо.

Шпанецот правеше неколку комбинации во бековската линија, па шанса доби и Димитар Кисељев, како замена за Криштопанс, за на крај да постигне два гола.

„Денеска одигравме многу тежок натпревар, беше нерешено до крајот, беше добар натпревар за публиката и добро е што победивме, ова беше важен натпревар.“, рече Кисељњев.

Варадр останува прв во СЕХА, со 30 бода, а за да го задржи местото треба да слави и в понеделник против Стеауа на гости.