Алушовски: Сакав да го изненадиме Веспрем со „7 на 6“, но...

Вардар го загуби финалето во СЕХА-лигата од Веспрем со 27-35, а тој тек на натпреварот се насети уште во првите минути, кога Унгарците отворија со 5-1. Причина за тоа беше играта на Вардар 7 на 6 во нападот.

Алушовски призна дека тоа бил начин можеби да се изненади големиот фаворит, но работите не тргнале според неговите желби.

„Пробавме да играме 7 на 6 се во цел што побргу да се враќаме назад во одбрана бидејќи Веспрем има една одлична транзиција. Се обидовме да ги изненадиме, тоа не успеа. Се обидовме да се вратиме 6 на 6, но во овој момент Веспрем е многу поквалитетен тим, има подолг и поквалитетен ростер и затоа јас им честитам на сосема заслужениот пехар во СЕХА-лигата.“, рече Алушовски на прес-конференцијата по натпреварот..

На истата тема нешто кажа и тренерот на Веспрем, Давид Дејвис, некогашниот помошник на Раул Гонзалес во Вардар. Тој, практично, рече дека ги прочитал намерите на својот соперник вечерва.

„Не му беше лесно на Вардар да подготви натпревар со Веспрем за толку кратко време. Видов дека сакаат да не изненадат со '7 на 6', па со неколку различни одбрани, но ние бевме подготвени за тоа“, рече Шпанецот..