Алушовски: Мотор игра модерно, сè тргнува од Маласинскас!

Напорниот февруари полека поминува за Вардар, а последниот натпревар од него се игра утревечер (20.45), кај Мотор Запорожје, во рамки на СЕХА-лигата.

По двата меча со Елверум во рок од три дена, вардарци немаа многу шанса да одморат, туку веднаш се подготвуваа за Мотор. Дополнителен проблем е што патуваат и ќе загубат близу еден ден дури стигнат до Запорожје. Сепак, напорите не ја замаглуваат мисијата, а таа е да се одржи победничкиот почеток во СЕХА, против Нексе и против Војводина.

Сепак, Мотор е далеку поопасен тим, кој игра одлично во ЛШ и бележи победи против екипи како Нант, Загреб, Целје... Стевче Алушовски очекува модерен натпревар и знае дека главната опасност доаѓа од литванскиот среден бек, Ајденас Малашинскас.

„Имавме тежок дуел со Елверум, кој и психички и физички нè исцрпе. Малку е времето за да се подготвиме за Мотор. Патуваме за Запорожје преку Истанбул, а денеска ќе имаме тренинг пред дуелот кој е закажан за утре. Мотор е квалитетна екипа, која има забележителни резултати во Лигата на шампионите, а игра модерен и брз ракомет, со многу транзиција и многу трчање. Имаат нов тренер и играчи, кои прераснуваат во носители на играта. Најважно е како ќе се справиме со Маласинскас, кој е мотор на тимот и сè тргнува од него. Не сме без шанси, ќе дадеме максимум за да дојдеме до позитивен резултат“, вели тренерот на Вардар.