Милосављев му порача на Карачиќ: Пријателе, ти посакувам злато! (ФОТО)

Победата на Хрватска против Норвешка (29-28) и пласманот во финалето на ЕП 2020 предизвика големо задоволство на просторите на поранешна Југославија, без разлика на националноста, а за тоа сведочи едно пријателство меѓу Србин и Хрват, кое се роди во Македонија.

Дејан Милосављев, голманот на Вардар од минатата сезона, упати јавна честитка до Игор Карачиќ, преку својот профил на Инстаграм

„Пријателе, ти посакувам злато. Среќно.“

Вака напиша српскиот голман, објавувајќи фотографија со својот доскорашен соиграч од Вардар. Игор Карачиќ е Хрват, роден и пораснат во Мостар, Босна и Херцеговина, но ништо од овие податоци не е важно, кога се споделува радоста што ја носи спортот.

Милосављев не настапи на ЕВРО 2020 поради повреда, а неговата Србија не се прослави, освојувајќи го 20. место. Хрватска во финалето ќе игра против Шпанија, в недела од 16.30, во својот трет обид да ја освои европската круна.