Квалификациски групи за ОИ: Тешко на Хрватите и Словенците!

Откако се комплетира Европското првенство во Стокхолм и Африканското во Тунис, познати се комплетните групи за квалификациите за Олимписките игри.

Со оглед дека за овие групи нема ждрепка, туку однапред се знае која позиција каде носи, репрезентациите отприлика знаеја што ги очекува, како на пример Хрватите денеска. Знаеја дека ако станат шампиони ќе одат директно на ОИ, но ако загубат од Шпанија, ги чека пеколна група во Франција. Единствена непознаница им беше противникот од Африка, а откако Египет го освои тамошното првенство, го остави Тунис да се бори на европско тло.

Значи, Хрватска ќе игра во група со Франција, со Португалија и со Тунис. Слично изгледа и групата која ќе се игра во Германија, во која, покрај домаќинот се уште и Словенија, Шведска и Алжир. Групата која беше комплетирана уштеод претходно делува најлесна, со домаќинот Норвешка на чело, а покрај неа Бразил, Чиле и Јужна Кореја.

Првите две екипи од трите турнири ќе добијат олимписка виза и со тоа ќе им се приклучат на шесте репрезентации кои директно имаат место на ОИ: Данска (светски првак), Шпанија (европски првак), Бахреин (азиски првак), Аргентина (јужноамерикански првак), Египет (африкански првак), Јапонија (домаќин).

 

ТУРНИР ВО ФРАНЦИЈА:  Франција, Хрватска, Португалија, Тунис

ТУРНИР ВО ГЕРМАНИЈА: Германија, Шведска, Словенија, Алжир

ТУРНИР ВО НОРВЕШКА: Норвешка, Бразил, Чиле, Јужна Кореја