Загреб му го сервира првото место на Вардар: Нант без Кире падна во Хрватска!

Вардар доби ветер во грб во трката по првото место во групата А од Лигата на шампионите. Неговиот најсериозен конкурент, Нант, вечерва му се покори на ППД Загреб со 23-22.

Иако со „изрешетани“ редови и со многу отсуства, ракометарите на Загреб одиграа фантастичен натпревар или попрецизно, фантастично прво полувреме, кое им дозволи потоа да ја изградат конечната повреда.

До 20. минута, Загреб играше перфектна одбрана, Нант не можеше да ги поврзе своите редови, па резултатот беше 9-4. Одличен беше Урх Кастелиц на голот, сепак малку падна темпото во последните 10 минути од полувремето, но само колку Нант да биде рамноправен, па на паузата беше 12-8 за Загреб.

Французите го немаа Кире Лазаров за да им помогне, бидејќи уште закрепнува од повредата заработена на ЕП, на мечот Македонија - Шпанија, а повреден е и Оливие Њокас. Сепак, Французите не можеа ни од блиску да се рамнат со Загреб кога се повредите во прашање, бидејќи кај домаќините недостасуваа околу 4-5 играчи кои беа првотимци во првиот дел од сезоната. Без ниту еден десен бек во тимот, со Златко Хорват како принудна алтернатива на таа позиција, ја чуваа предноста и во вториот дел, иако Нант се доближи.

Феноменална партија одигра Домагој Павловиќ, постигнувајќи седум гола, а кога Нант тргна во изедначување, на минута и пол до крајот Кастелиц одбрани контра и го остави сонот за осминафинале да живее. Голманот заврши со 11 одбрани, од кои и еден пенал во последните 10 минути.

Загреб сега дојде до шест бода, колку и Висла и Кристијанштад во борба за шестото место во групата А, но многу попривлечен за нас е ефектот на овој меч врз врвот на табелата. Поразот го остави Нант на 17 бода, така што ако Вардар утре (17 ч.) го победи Пик Сегед ќе има 20. Тоа значи дека, за да го загуби првото место потребно ќе биде да биде поразен и од Нант на гости во 13. коло и од Висла дома во 14-тото, што е тешко за верување.