„Вујо мајсторе“ и Словенците ептен се израдуваа на дебаклот на Македонија во Вараждин!

Додека тагата е единствената емоција кај секој Македонец во моментов, во Словенија на големо се слави победата на Шпанија над жолто-црвената селекција вечерва во Вараждин во првиот меч од втората фаза на ЕП.

Причина за ова не е некаква омраза на Словенците кон нашите ракометари, туку фактот што со ваков резултат тие остануваат во игра за полуфинале, колку и да е тоа во сферата на теоријата. Избраниците на селекторот Веселин Вујовиќ имаат само еден бод од три средби и со евентуални победи на преостанатите пресметки со Чешка и Шпанија би можеле да дојдат до едно од првите две места во групата.

„Србија веќе беше замината дома, кога Хрватска неочекувано за некого загуби од Шведска и ги остави на првенството. Тоа е доказ дека не треба однапред да се губи надеж. Мора да се бориме до крај“, изјави Вујовиќ.

Но, за да се случи тоа треба да им се погодат еден куп останати резултати, меѓу кои се и два порази на Македонија во дуелите со Данска и Чешка, како и реми во пресметката помеѓу шпанската и германската селекција.

За воопшто да имаат некакви шанси, Словенците ќе мора задутре да ги растурат Шпанците.