Вујо: Оваа серија порази ќе прекине, ќе дадеме сè од себе да го победиме Кил!

Вардар навлезе во тешкиот распоред на Лигата на шампионите, па тоа донесе два врзани пораза, со Монпелје дома и со Алборг во Данска. Проблемот е во тоа што следен на менито е Кил, шампионот на Германија и доскорешниот европски првак, па не е баш лесно да се очекуваат бодови.

„Зебрите“ доаѓаат во Скопје во незгоден момент, по поразот од Магдебург со 27-29, синоќа во Бундеслигата и со неколку важни ракометари повредени. Тоа можеби е шанса за Вардар да го земе скалпот на елитниот противник, иако тренерот Веселин Вујовиќ посакува да им се спротивстави кога се најсилни.

„Кил доаѓа во едeн момент кога не е во најдобра форма и има неколку играчи кои не се во составот. Нас тоа нѐ оптоварува по малку, јас сакам Кил да дојде комплетен па Вардар да го покаже својот квалитет.  Без оглед што има најави дека нема да дојдат Сагосен и Вајнхолд, тие можат да победат која било екипа од Европа и во тој состав. Кој ќе доаѓа, кој не, со тоа не можеме да калкулираме.Најважно е Вардар да одигра добар натпревар, да го покаже својот квалитет, а крајниот резултат ќе го видиме кога ќе заврши натпреварот.“, рече Вујо и продолжи за својот тим.

По пет кола, црвено-црните имаат по две победи и два пораза, но трендот оди на лошо, па потребно е да се прекине. Вујо смета дека Вардар е толку голем клуб, што историјата нема да дозволи серијата да продолжи.

„Го победивме Алборг финалист од последниот фајнал-фор, го победивме Мешков, освоивме бод со Елверум, кој се покажа многу опасна екипа и не би смееле да дозволиме ни јас како тренер ни Вардар како клуб да има во својата историја да врзе четири-пет порази. Тоа не го прават големите екипи и ние оваа серија порази ќе ја прекинеме. Дали ќе биде Кил или Сегед,  важно нашиот квалитет и нашата емоција, нема да дозволи да продолжи. На крајот на краиштата имаме екипа со многу победници и ќе дадеме се од семе да победиме в среда со Кил. Мислам дека луѓето кои не следат ќе ја препознаат нашата желба, јас само барам да имаат малку трпение. Јас само сакам Вардар да биде еден стабилен тим, да моќеме да сметаме на победи против силни противници и така чекор по чекор, за неколку години Вардар повторно да биде учесник на Ф4.“, коментира тренерот.

Натпреварот со Кил се игра в среда од 20.45, во „Јане Сандански“.