Вујо не простува: Некои играчи мора да се замислат дали и понатаму ќе играат за Вардар!

Ракометарите на Вардар го претрпеа и третиот пораз во низа во Лигата на шампионите (ЛШ), овој пат на домашен терен против Кил (26-29), кој посебно боли со оглед на одличното прво полувреме кое црвено-црните го добија со 13-10.

Тоа беше причина за ептен лутата изјава на тренерот Веселин Вујовиќ по мечот и потенцирањето дека дел од ракометарите би можеле предвреме да го завршат престојот во Скопје.

„Пред натпреварот знаевме дека Кил ќе биде без тројца играчи и мислевме дека имаме шанси. Многу се мачевме во клучните моменти во нападот. Резултатот кој го имавме беше поради успешната одбрана и расположениот Томовски. Со соочивме со проблеми во нападот при играта 'шест за шест', шутерски бевме рамни на нула и бековите немаа свој ден. Се обидовме со 'седум на шест', игра која создава нервоза и кај нас на клупата и на трибините. Заминавме на три разлика и - застанавме! Не знам што се случи. Паднавме. Примивме 19 гола во вториот дел, тоа е премногу за Вардар и за мојата филозофија. Има некои играчи кои треба добро да се размислат дали од полусезоната ќе останат во Вардар, затоа што очекуваме повеќе од нив, ако Вардар сака да направи нешто повеќе“, изјави Вујовиќ.

Црвено-црните сега се на шестата позиција на табелата со пет бодови, додека Кил е на делба на првото место со Монеплје со по девет бодови.