Ветеранот Сармиенто ќе им помага на Шпанците во трката за полуфинале на ЕП

Искусниот среден бек Даниел Сармиенто ќе ја засили ракометната репрезентација на Шпанија во продолжение на Европското првенство (ЕП) во Унгарија и Словачка.

Шпанија се соочи со сериозни проблеми, откако Жоан Канелјас доби позитивен ПЦР-тест на ковид-19, а селекторот Жорди Рибера реши да го повика Сармиенто, кој во август ќе наполни 39 години.

Сармиенто настапи на 143 натпревари во дресот на националниот тим, а притоа постигна 281 гол и помогна во остварување на успесите на Шпанија во последната деценија.

Шпанците со изменет состав и понатаму имаат максимален ефект на турнирот, па се наоѓаат на добар пат кон пласман во полуфиналето. На стартот на главната фаза ја совладаа Германија, по што им следат дуели со Русија, Норвешка и Полска.