Веспрем не може да престане да шопингува вардарци: Претставени Шишкарев и Македа!

Унгарскиот гигант Веспрем не може да престане со ангажирање на вардарци, па денеска претстави две нови засилувања Данил Шишкарев и Хорхе Македа.

Шишкарев по пет години си заминува од европскиот шампион Вардар, па во следните две сезони ќе го носи дресот на Веспрем. По неговите стапки тргна и Македа, кој моментно игра за Пик Сегед, а во текот на кариерата го носеше дресот на „црвено-црните“ од 2015 до 2018 година. И Шишкарев и Македа ќе го засилат Веспрем по завршувањето на оваа сезона, односно од 2020/21.

Веспрем на тој начин успеа да добие уште двајца вардарци, откако претходно ги ангажираше Арпад Штербик, Вуко Борозан, Дејан Манасков, Рожерио Мораес, тренерот Давид Дејвис, како и кондицискиот тренер Марија Лојаница.