Веспрем го сомле Мотор – пет гола на Манасков со стоотстотен учинок

Унгарски Веспрем го сомле Мотор Запорожје во првиот меч од новата сезона во Лигата на шампионите, откако денеска со 40-28 славеше на воведниот меч во ракометната ЛШ, а македонскиот репрезентативец Дејан Манасков беше втор стрелец и имаше максимален учинок.

Манасков даде пет гола и тоа со стоотстотен ефект, па мечот го заврши само со гол помалку од најдобрите стрелци Кент Робин Тонесен и Драган Гаиќ, кои дадоа по шест гола. Веспрем си поигруваше со украинскиот тим, па дури 13 играчи се запишаа во листата на стрелци и само Мате Лекаи не успеа да даде гол (имаше два обиди).

Поранешниот вардаров голман Арпад Штербик мечот го заврши со 15 одбрани, а Вуко Борозан, кој си замина од Скопје два месеци пред европската титула на Вардар погоди трипати, додека Рожерио Мораеш постигна еден гол.