Веспрем без Манасков беше шокиран од Алборг

Унгарскиот шампион Веспрем денеска беше без македонскиот репрезентативец Дејан Манасков и загуби неочекувано од Алборг со 30-32 во ракометната Лига на шампиони.

Веспрем на двапати имаше водство на стартот на мечот (1-0 и 2-1), но потоа Алборг влезе во неверојатна серија и во еден момент имаше убедливи седум голови предност (14-7). Сепак, унгарската екипа до полувремето успеа да намали на 16-19.

Тимот на Манасков притисна на почетокот на вториот дел и намали на 18-19, но Алборг не се предаваше, па ја врати предноста на четири погодоци (22-18). Веспрем уште неколку пати до крајот тргна кон голот на противникот, но и покрај тоа гостите ја задржаа предноста и триумфираа со 32-30.

Вуко Борозан и Петар Ненадиќ со по шест голови беа најефикасни кај унгарскиот тим, додека кај Алборг најдобар беше Ласен со девет голови.