Вардаровата атракција е гол на колото, брилјантниот Скубе – во најдобриот тим (ВИДЕО)

Моќниот настап за заверка на осминафиналет во ракометната Лига на шампиони на европскиот првак Вардар против Мотор Запорожје во саботата попладне донесе две награди во изминатава 12-та рунда во групите во европската елита, па двајца членови на црвено-црните се најдоа во традиционалните избори на ЕХФ ТВ – за најубав гол и член на тимот на колото.

Словенецот Сташ Скубе беше брилјантен со осум гола и стоотстотен ефект, ама и десет асистенции како предводник на Вардар во триумфот, остварен по турбулентната недела во која поради финансиската криза двајца ракометари си заминаа – Данаис Криштопанс (Фуксе Берлин) и Павел Атман (Спартак Москва). Маестралниот настап на Скубе не можеше да остане незабележан во изборот на ЕХФ ТВ, па средниот бек заслужено се најде во најдобрата седморка за оваа рунда.

Скубе на среден бек се најде во тимот на колото со Волф (Кјелце), двајца екс вардарци Жоан Каљелас (Пик Сегед) и Алекс Душебаев (Кјелце), Ханс Пекелер (Кил) како пикер и крилата Дескат од Монпелје (лево крило) односно Марио Штајнхаузер (Фленсбург).

Најдобриот тим од ова коло изминатава недела може да го погледнете ТУКА.

Токму на една неверојатна и итра асистенција на Скубе, руската ѕвезда Тимур Дибиров со виртуозниот погодок го доби признанието за најубав гол во колото.

Најубавите пет гола од ова коло може да ги погледнете ТУКА.