Вардарци пред завршниот удар: Еден бод за цел месец мир!

Ракометарите на Вардар цела сезона работеа напорно и заслужија спокојна пролет, а сега треба само да си наплатат. На две кола до крајот на групната фаза, потребен им е бод за математички да го загарантираат првото место, што ќе значи директен пласман меѓу осумте најдобри во Европа.

Сепак, како и да вели математиката, тешко дека Раул Гонзалес ќе се задоволи со нешто друго освен победа. Нант долго време беше второ место во групата, како најсериозен конкурент на Вардар и големо изненадување во групата со Барселона, Рајн-Некар, Пик Сегед... Имаше седум победи во серија, се додека не беше поразен во Загреб.

Таму имаше проблеми во нападот, играше без Кире Лазаров, кој ќе недостасува и на денешниот натпревар. Главната опасност ќе доаѓа од Гурбиндо и од пивотот Турна, но Вардар има и свои адути.

Во здрав состав Раул Гонзалес, во кој и понатаму недостасува Иван Чупиќ, ќе се обиде да го повтори успехот од Скопје, кога победи со 27-23, со што ќе ја направи ревијална пресметката со Висла, во Скопје, во последното коло.

Вардар има 18 бода, колку и Барселона, но таа го одигра својот натпревар од ова 13. коло, додека Нант, пак, е зад нив со 17.